Израелскиот министер за надворешни работи, Габи Ашкенази, денеска изјави дека анексијата на делови од Западниот Брег „во моментов не е на дневен ред”, бидејќи земјата се справува со втор бран на инфекции со коронавирус, јкави ДПА.
Коментарите на шефот на дипломатијата следуваат откако премиерот Бенјамин Нетанјаху се очекуваше на 1 јули да почне со спроведување на плановите за анексија што тој гласно ги најави, но не успеа да го стори тоа и оттогаш молчи за ова прашање.
-Ние уште пред 1 јули кажавме дека овој датум не е свет. Она што е свето е државата Израел и нејзината безбедност, рече Ашкенази во интервју за израелскиот весник „Едиот Ахронот”.
„Ние стоиме зад нашата позиција и нашата позиција не е тајна”, продолжи тој. „Во моментов анексијата не е на дневен ред – нема дискусии и консултации. Сите ние сме посветени да се грижиме за економијата и за болестите”.
На прашањето дали има договор да се одложат плановите за анексија, тој повтори: „Во моментов не се занимаваме со тоа”.
Повеќето фактори на меѓународната заедница се изјаснија против ваквиот потег.
Израелската анексија се очекува да се темели на планот за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп, кој Палестинците бесно го отфрлија, оцени германската агенција.