Наместо да соработуваат со инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, полицајци им дојавувале на газдите на кафулињата дека инспекцијата доаѓа за да се затвори кафулето или дискотеката и на тој начин да се избегне казната од 2.000 евра која следува за секој трговски објект што ќе организира забава без протокол, за „Слободен печат” тврди Стојко Пауновски, директор на инспекторатот.
Полицијата, како што тврди Пауновски, има поголеми ресурси и капацитети да ги разбива организираните прослави кои земаат голем замав овие денови, особено свадбите што се случуваат во изнајмени куќи, приватни вили, во викендици и на приватен имот.
На вакви места, пазарниот инспекторат нема буквално никакви ингеренции да влезе и да санкционира, како што тоа може да го направи во угостителските објекти, како рестораните, кафулињата и дискотеките.