Турција издала навигациска информација (NAVTEX) според која, во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Кастелоризо, од денеска до 2 август, планира да врши сеизмички истражувања објави грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „според извори од Министерството за одбрана, армијата е во состојба на подготвеност и ги следи турските потези”, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот весник „Катимерини” објави дека во изминатите часови имало голема раздвиженост во турската поморска база Аксаз од каде што излегле 15 поморски единици „факт што го вклучи алармот и во Атина и во воената морнарица што се наоѓа во голема готовност”.
Според весникот, началникот на Генералштабот на грчката армија, од Кипар, итно се враќа во Атина.
Медиумите во Грција објавија дека денеска одново биле регистрирани, во два наврати, прекршувања на грчкиот воздушен простор од турски Ф-16.