Димитров- Јазбец: Пријателството со Словенија потврдено со дела

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари проштална средба со амбасадорот во заминување на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Јазбец, на која беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу двете земји.

Личниот ангажман и поддршката на Словенија на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, е доказ за искрено пријателство меѓу двете држави. Пријателство потврдено со дела на кое најдобро што може да одговориме е со конзистентна заемна соработка и негување на одличните пријателски врски, рече Димитров.

Соговорниците разговараа за актуелните внатрешно-политички состојби во двете земји, со акцент на активностите на владите за справување со пандемијата и во овој контекст, напорите за намалување на социо-економските последици. Притоа, констатираа дека и на наредната влада на Северна Македонија, примарна водилка треба да биде евроинтегративниот курс и реформски начела кои истиот ги подразбира, во функција на натамошен демократски и економски развој на државата и нејзина целосна интеграција во ЕУ.

Министерот Димитров го поздрави силниот и активен ангажман на амбасадорот Јазбец во земјава и воедно му врачи благодарница за неговата посветеност при промовирање на словенечко-македонското пријателство, билатералните односи и тесната соработка и партнерство, посакувајќи му успех во понатамошните ангажмани.

Треба да знаете
Последни објави