Австрија ги повика земјите од Европа и Западен Балкан да ги обединат напорите во борбата против илегалната миграција низ источниот дел на Средоземно Море (преку Турција и Грција). Апелот го упати австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер за време на дводневната министерска конференција, која вчера започна во Виена, посветена на мигрантското прашање.
– Ние мора да работиме заедно за надминување на предизвиците на илегалната миграција. Оваа конференција испрати силен сигнал во таа насока, истакна австрискиот министер за внатрешни работи.
Нехамер вети дека Австрија ќе ги поддржи државите по миграциските рути, со цел заедно да ја спречат илегалната миграција.
Како конкретни мерки тој ги наведе започнувањето на координирани нови иницијативи за заштита на границите, ефективно враќање на илегалните мигранти, борбата против трговците со луѓе и поддршката на другите земји во процесот на азил.
На средбата во Виена учествуваа претставници од голем број европски земји и ресорни агенции на ЕУ.