Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе достави иницијатива до новата Влада со која ќе бара повторно преоценување на комплетната постапка за избор на членови и претседател на Комисијата за хартии од вредност, како и информација до новиот собраниски состав за преземените активности во однос на самата постапка и да се следи овој процес, информираа од ДКСК на денешната прес-конференција.
Ќе биде побарано да се утврди одговорност и да се преземат санкции за лицата кои не запазиле рокови и зошто не е формирана комисија за административна проверка на добиените пријави, како и зошто владината Комисија за именување не си ја завршила работата, но и да се види кој е одговорен за незаконско постапување и непримена на процедурите пропишани со закон и да се утврди одговорност.
– Тоа е она што постојано го коментираме за системска корупција, кога корупцијата се јавува во највисоките нивоа на државните органи, што останува за корупцијата во другите органи. Се е по Устав и по закон, но ништо не е правилно, а наше е да го обелодениме сето тоа, рече Катица Николовска од ДКСК.
Според неа, најинтересен е изборот за член на КХВ на Лиле Делиџакова сестра на Катица Јанева, за која дел од документите што ги има доставено во апликацијата се со датум подоцна од датумот до кој требало да се достават до Владата. Владата ја избрала без да биде обезбедена целокупната потребна документација согласно Законот за хартии од вредност.
ДКСК ќе покрене и иницијатива до Владата за поведување и утврдување одговорност и за в.д. директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, а во врска со непостапување односно прекршување на процедурите во постапките за исплата на филмските проекти согласно Законот за филмска дејност и договорите за финансирање на филмските проекти избрани на конкурс потпишани меѓу филмските продуценти и Агенцијата за филм.
Поврзано со овој предмет се и наводите дека во филмскиот совет на Агенцијата за филм постојат ситуации на судир на интереси, за што ДКСК откако ги испитала наводите утврдила дека директорот има надлежност да именува членови на филмскиот совет, кои пак даваат мислења по филмските проекти и кои понатаму директорот ги предлага на УО.
ДКСК ќе покрене и прекршочен платен налог за Тозија. Понатаму директорот има надлежност да именува филмски советник, а ДКСК утврдила дека меѓу пет членови на филмскиот совет се наоѓаат лица кои имаат двојно именување.
Билјана Ивановска, претседател на ДКСК говореше за предмет од укажувач за вработивања на две лице во исто јавно претпријатие со помош на агенции за привремени вработување, а преку влијанија на членови на Управен одбор.
Се работи за член на УО кој по една година откако станал член на УО е вработен во истото ЈП преку Агенција за привремени вработувања.
– Од една страна тој има можност како член на УО да учестува во изборот на директорот, а од друга страна директорот одлучува за неговото вработување преку Агенција за привремени вработувања, рече Ивановска и истакна дека материјалниот закон предвидува дека од редот на вработените може да се бираат членови на УО, меѓутоа обратниот случај не е предвиден во законот.
Во вториот случај станува збор за вработена чиј татко е член на УО, а таа е вработена во ЈП преку агенција за привремени вработувања
– За нас се спорни овие вработувања преку агенциите за привремени вработувања затоа што се избегнува транспарентниот начин на вработување, постапката е многу скратена, не се обрнува доволно внимание ниту на видот и степенот на образование, нема транспарентна конкурентност и најчесто се лица кои на списокот се нашле по партиски заслуги, рече меѓу другото претседателката на ДКСК, додавајќи дека се работи за предмет од 2015 година.
Според неа, во нашата држава, најопасна од се е зконската корупција и треба час поскоро новото Собрание што ќе се формира да се зафати со уредување на законските прописи. Во текот на изминатата година, посочи, ДКСК направи антикориупциска проверка на осум закони и ја потенцира законската регулатива за вработувањето и се детектирани сите раанливи точли. Смета дека треба политичка волја за тоа да се промени и да не се лучуваат пропусти.
Во врска со наводите за злоупотреби во ЈЗУ Универзитетска клинка за реуматологија во Скопје за сомненија за судири на инереси измени во систематизација заради поставување и унапредување на свои луѓе без водење сметка за нивната стручност, ДКСК констатирала дека наведените основи во пријавата не се потврдени по што постапката по предметот се запира.
Инаку, меѓу другото во пријавата се наведува д-р Мартин Ивановски кој бил избран за раководител на Оддел, се наведува за влијание и местење тендери, внесување неконтролирани фалсификувани лекови со сомнително потекло за кои се извршени неколку вонредни инспекциски контроли во Клиниката и во веледрогеријата „Пановски”, како и местење тендери за набавка на лекови за ретки болести од веледрогеријата за Клиниката, со подвлекување дека Ирина Пановска Ставридис е директор и член на Националната комоисија за ретки болести, а нејзиниот татко сопственик на веледрогеријата.
– Наводите по наведените основи на пријавата не се потврдени по што постапката по предметот се запира и предметот се архивира”, рече членот на ДКСК кој го образложи овој предмет и нагласи дека овој предмет е доста обемен и на него е работено долговреме во прибирање информации од институции.