Пендаровски- Јазбец: Македонија и Словенија негуваат исти, европски вредности

Проштална средба на претседателот Пендаровски со словенечкиот амбасадор Јазбец

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Словенија и беше констатирано дека двете држави негуваат исти, европски вредности, со традиционално пријателство и силно стратешко партнерство. Во тој контекст претседателот Пендаровски и амбасадорот Јазбец го реафирмираа интересот за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската сфера кадешто постои голем потенцијал.

Нагласувајќи ја континуираната словенечка поддршка на билатерално, регионално и мултилатерално ниво, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени помошта на Словенија во спроведувањето на реформските процеси, во насока на нашата европска интеграција, којашто ќе се одрази позитивно на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за активностите поврзани со пандемијата на COVID-19, нагласувајќи ја потребата од зголемена соработка и солидарност помеѓу државите како одговор на здравствените и социо-економските предизвици наметнати од овој глобален проблем.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за севкупниот дипломатски ангажман на амбасадорот Јазбец посакувајќи му натамошен успех на личен и на професионален план.

Треба да знаете
Последни објави