Холандските туристи експресно побегнаа од Хрватска

По одлуката на Холандија да ја стави Хрватска на портокаловата листа поради зголемениот број на инфицирани лица со коронавирусот, Холанѓаните од камповите на северот на Истра експресно ги спакуваа своите куфери и заминаа во средата пред полноќ. Холандските туристи ќе го продолжат летниот годишен одмор во соседните земји, за по враќањето во Холандија да не би морале да се изолираат, објави „Јутарњи лист“.

-Многу холандски туристи заминаа минатата ноќ, ми велат нашите членови. Се разбира, започна масовното откажување на сместувањето за следните датуми. Тоа е удар за хрватскиот туризам од сите страни, бидејќи Холанѓаните едвај на почетокот на јули започнаа полека да се враќаат, а првото големо пристигнување беше овој викенд, рече директорот на Хрватското здружение за кампувања, Адријано Палман.

Холандија во вторникот ја стави Хрватска на портокаловата листа и им препорача на своите граѓани да се самоизолираат по враќањето од Хрватска.

Хрватското здружение за туризам веќе апелираше до Министерството за надворешни работи и премиерот да се обидат да воспостават контакт со Холандија со цел да ги преземат сите мерки за да ја стават под контрола состојбата со епидемијата.

Треба да знаете
Последни објави