„Меѓународниот сојуз“ е невладина, а не хуманитарна организација под капата на Европската Унија. Останатите обвинети се обвинети заради мене, истакна во своите воведни зборови Бојан Јовановски- Боки 13 на денешното рочиште за „Рекет 2“.
Боки, откако судијката Софче Ефремова Гаврилова го опомена да не говори повеќе од 30 минути, истакна дека ова судење е забава за народот и праша каде е обвинителката Вилма Рускоска.
– Ќе речете таа има полномошно, но тоа е исто како јас да го пратам затворскиот цимер, рече Боки.
Тој продолжи рече дека не само обвинетата Фросина Ременски, туку дека и многу други луца биле дел од „Меѓународен сојуз“ и потпишувале договори.
-Јас тогаш бев симпатизер и граѓански активист на СДСМ и дел од Шарената револуција. Од тогаш започнуваат контактите со Ременски, сум имал контакти и со повисоки лица од партијата, рече Бојан Јовановски.
Во однос на проектот, рече дека тој бил донесен во 2017 година, а потоа започнала и негова реализација.
-Идеен творец и координатор на проектот за изградба на европскиот центар за возрасни лица е Лилјана Тодоровска, на чие име се уплатени средствата. Проектот не е шега, требаше услугите да ги користат и пензионери од странство, до три месеци, колку што државата дава максимум дозвола за престој на странски државјани. Сакавме да има вмрежување со бизнис секторот. Ниеден денар не сум искористил од Буџетот или злоупотребил нечии пари, ова беше самоодржлив проект. Ова не е хуманитарна, туку невладина организација. Имав поддршка од Владата, со функционери многу повисоки од неа. Од Оливер Спасовски имав поддршка за проектот: ‘Стоп за децата на улица’. Имав прием кај премиерот Зоран Заев, има записник, договаравме меморандум за соработка. Јас ли сум крив што сум имал идеја да направам самоодржлив проект што не може ни министерството за труд и социјала да го направи? Цела Влада стоеше зад овој проект, па и дел од локалната власт. Тврдам дека овие средства на бизнисмените Силјан Мицевски и на Ардијан Амзоски не се уплатени на сметката на Меѓународниот сојуз, туку на приватна сметка. Па што се тие, мали бебиња се да ги измами некој? Зошто ми се суди за измама, па уште и за перење пари, а 5 милијарди евра се изнесоа од државата и никого Обвинителството не гони за тоа, праша Боки.
Потоа кажа колку бил сериозен проектот, за кој сега двајцата бизнисмени си ги бараат околу милион евра.
-Меморандум за соработка потпишавме и со министерот Горан Сугарески, со општините Битола, Охрид, Дојран и Карпош, Во Битола беше градоначалничката Наташа Петровска, секретарот на општината, кој лажно се претставуваше и едно лице од ПР службата. Александар Кирацоски ја организираше средбата, рече Боки 13.
Кажа дека Тодоровска, на чија сметка бил уплатен милионот, си ги подигнала самоиницијативно средствата.
Основачот на невладината „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски-Боки 13, е обвинет на девет години затвор со неправосилна пресуда за случајот „Рекет“, каде што е обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, заедно со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која доби затворска казна од седум години за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.