Директорката на Центарот за социјални работи Охрид, Ајтен Мусли, тврди дека малечкиот Илче, единаесетгодишното дете кое синоќа на Детска Клиника по ургенции на министерот за здравство Венко Филипче беше хоспитализирано, не било искапено една година, објави Слободен печат.
-Не се справивме успешно. Категорично не. А причината е во тоа што немаме домови. Сите врати на сите домови ни беа затворени. На родителите треба да им се одземе родителското право и за нив да следуваат кривични пријави. Колегите што вчера беа да го видат откако случајот излезе во јавноста, ми кажаа дека детето не било искапено една година. Нас ни пријавија дека мајката го напуштила Илче, а исто и таткото. Веднаш пријавивме во полиција и полицијата ја нашла во струшко село мајката и таа е вратена дома. Станува збор за лице со психички нарушувања. Во меѓувреме баравме домови да го сместиме Илче, но сите врати ни беа затворени, верувајте. Барав во кабинетот да приитснат, зашто мојот глас никако не врвеше. Како може така да се остави дете со церебрална парализа им велев. Во меѓувреме им однесовме еднократна помош, дезинфекциски средства, пелени, но треба соодветно медицинско лице да се грижи во ваков случај. Јас лично се јавував во болници, за да го примат, но не сакаа, заради ковидот. Детето не било искапено една година, ниту мајката ниту никој дома не го сторил тоа и тоа го констатираа социјалните работници кои вчера попладнето отидоа во домот каде што живеат, изјави Мусли за ,,Слободен печат”.
Неговиот тест за корона е негативен, и отккао ќе закрепне на клиниката за детски болести веднаш да биде вселен во малиот групен дом во Демир Капија. Демир Капија е избрана заради трајната болест на момчето и потребната нега.
Човекот кој привремно се грижел за Илче тврдеше дека еден месец пријавувал во полиција, по заминувањето на таткото, а потоа и на мајката. Илче живеел на чергиче на под со една чаша млеко. Детето имало проблеми од раѓањето, а мајката која, иако болна, се грижела за него и често заедно со количка го шетала низ Охрид, а често била низ центарот каде просела.
Помошта што ја добивала од граѓаните ја ставала на количката со детето и таа слика била секојдневна за охриѓани, но и покрај тоа досега социјалните служби ниту го забележале ниту им помогнале на детето и мајката, а со увидот во постапувањето на општинските служби треба да се затвори овој случај.
Мајката на Илче е пронајдена по службите во струшко, но го загуби родителското право над него, а заработи и кривична пријава заради пропусти во родителската грижа.