Ременски: Поддршката на невладини организации не е кривично дело

Ќе докажеме јавнообвнителско непознавање на работата на невладиниот сектор и ако оваа пракса се следи ќе се одврати правото на граѓаните на здружување и дека не треба да се критикува тоа право на невладините организации. Тоа не е кривично дело, поддршката на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е кривично дело и за тоа обвинителството ниту има, а ниту пак ќе понуди докази, истакна поранешната пратеничка Фросина Ременски по денешното рочиште за „Меѓународен сојуз“ каде е една од обвинетите.

Според неа, ако поддршката за некого е кривично дело, во истиот момент може да се пријави за уште 15 поддршки кои отворено ги дала на проекти и активности. Според обвинителстовото, пак, кое ја товари за измама, двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле измамени со проект за Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис и дале околу еден милион евра. Улогата на Ременски била што одела на состаноци со Бојан Јовановски, му давала совети и го искористила угледот и влијанието за да се доведат во заблуда бизнисмените дека зад проектите стои власта. Ако се оди според таа логика на обвинителството, според Ременски, 80 проценти од пратениците во овој, во минатите и идните собраниски состави би требало да се најдат на обвинителна клупа.

-Како што слушнавте од воведниот збор кој првично го изнесе мојот правен застапник, а во дел го дополнив и јас, фактите и правните прашања што ќе ги аргументираме во текот на постапката, ќе негираме и ќе докажуваме дека нема кривично дело, помагање во измамата. Од воведните зборови и на останатите се доведува во прашање и постоење на кривичното дело за „Меѓународен сојуз“. Ќе ги истакнеме сите докази кои одат во прилог на нашата теза дека самата поддршка на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е е кривично дело. За тоа обвинителството, ниту има, ниту ќе понуди докази. Од друга страна пак од понудените сведоци и докази ќе можете да се уверите во реални дејствија од страна на овластени лица кои имале сериозно пристапување во реализација на овој проект. Тоа прашање е од клучно значење за нас, имајќи ја во предвид и самата квалификација која обвинителството ја дало на делото. Многу лесно можете да кажете дека некому сте му дале совет и упатство, но многу е тешко да докажете дали тој совет или упатство е упатство за извршување на кривично дело, или упатување на законска процедура за реализација на проектот. Тие се сериозни прашања кои покажуваат на сериозните фалинки на обвинението, истакна Ременски.

Таа додаде и дека очекува да се појави доказ кој ќе потикне прашања зошто други лица не се на обвинителна клупа.

-Она што за мене професионално е предизвик во овој случај е најважната фаза во кривичната постапка а тоа е криминалистичката методика и стандардните оперативни процедури во истражување и докажување на кривично дело измама. Ова го кажувам најодговорно имајќи во предвид дека ако го погледнете обвинението, квалификациите кои се дадени, понудените докази и сведоци ќе видите дека има сериозно непочитување и на таа методика, која обвинителството имала обврска да ја почитува. Меѓутоа во текот на постапката верувам дека ќе излезе доказ за незаконски средства за одредени дејствија за да се дојде до ваква слика во судница, во која ќе имаме обвинети, а ќе имаме изоставање на можни обвинети со извршни овластувања, рече Ременски.

Според неа, по таа логика 80 проценти од пратениците ќе се најдеа на обвинителна клупа.

Дали поддршката и лобирањето за правата на ранливите категории граѓани треба да бидат инкриминирачки за еден пратеник-праша Ременски.

Треба да знаете
Последни објави