Група карабиниери е уапсена, а нивната полициска станица во Пјаченца е затворена, откако истражните органи открија серија злосторства што ги сториле во просториите на станицата, пренесе денеска Би-Би-Си за аферата што ја згрози Италија.
Посои сомнение дека карабинерите од Пјаченца, град на северот на Италија, наводно тргувале со дрога, изведувале изнуди и вршеле тортура.
Случајот ги шокираше обвинителите и жителите на италијанскиот град.
-Недопирливи сме, му изјавил еден од осомничените на колега кој бил прислушуван.
Злоделата на карабиниерите завршија на насловните страници на речиси сите италијански весници, а локалната обвинителка Грација Прадела кажа „дека ништо што се случувало во таа станица не било легално, во секој поглед тие биле криминалци “.
Голем дел од нивните престапи се случиле во неделите откако Италија воведе карантин.
-Додека Пјаченца броеше мртви од коронавирусот, карабинерите на дилерите, заглавени дома заради мерките против Ковид-19, им испорачувале дрога, кажа обвинителката.
Тоа што се случувало во станицата обвинителката го спореди со организираните криминални групи.
Обвинителот рече дека карабинерите се осомничени за трговија со дрога, примање украден имот, изнуда, нелегални апсења, проневера и злоупотреба на службената должност. Додека 12 лица се под истрага, петмина се приведени, а шестиот карабинер е ставен во куќен притвор.