(Видео) Две деца во Франција скокнале од третиот кат за да се спасат од пожар

Двајца браќа во вторникот скокнале од прозорец на висина од десет метри и на тој начин се спасиле од пожар што зафатил дел од станбена зграда во францускиот град Гренобл.

Момчињата на возраст од 10 и 3 години биле пречекани и фатени од станари на зградата, а браќата минале без повреди, освен тоа што имале вдишано чад, пишува „Еј-би-си њуз“.

На видеото од овој драматичен настан се гледа како постариот брат најпрво го држи помладиот, а потоа го испушта во рацете на станарите кои подготвено чекале пред зградата. Постариот брат потоа сам скокна од прозорецот и падна во рацете на соседите.

Момчињата биле хоспитализирани заедно со 17 други жители на зградата, јавија локалните медиуми. Четири лица кои ги фатиле момчињата биле однесени во болница за лекарите да проверат дали претрпеле некои скршеници откако децата паднале на нив.

Атумани Валид, 25-годишен студент, го скршил зглобот додека помагал да се фатат момчињата. Тој рече дека прво слушнал вресоци, а потоа го напуштил станот кога видел дека избувнал пожар во соседниот.

„Не знаевме што да правиме. Се обидовме да ја бутнеме вратата, но не успеавме“, изјавил Валид за „Асошиејтед Прес“.

Тој и уште неколку станари потоа излегле надвор пред зградата и ги повикале момчињата да им скокнат в раце. Валид додаде дека се надева оти неговата вмешаност во спасувањето на момчињата ќе ја промени перцепцијата на некои жители од соседството за опасноста од мигрантите.

Треба да знаете
Последни објави