Извршителите од денеска продолжуваат со редовните активности откако истече важноста на Уредбата со која беше предвидено 30 дена по престанувањето на вонредната состојба да продолжи целосната примена на Законот за извршување.
Според официјалните податоци до март биле блокирани повеќе од 106.000 сметки, од што 26.000 биле на правни лица, а 80.000 на граѓани.
Од Комората велат дека иако извршувањето од сметките на граѓаните и фирмите било запрено, сепак целосно не била стопирана пресметката на каматата на долгот што го имале. До важноста на рокот со кој извршувањето не се спроведуваше не се плаќаа задршките на плати или од сметки за извршните решенија, односно банката не ја задржуваше висината на договорената рата, но на постојните долгови се пресметуваше камата што значи дека по завршување на грејс-периодот износот што ќе треба да се враќа ќе биде зголемен.
Извршителите велат дека до нив никој не доставил барање извршувањата да се одложуваат и во наредниот период, што можеле да го иницираат било кој од доверителите за секој предмет посебно. Тоа практично значи дека извршителите од денес ќе продоилжат да ги извршуваат блокираните сметки на граѓаните и фирмите пред 1 април, но и ќе се става блокада на новите долгови, а продолжува и продажбата на недвижностите кои се запленети.
Како што објаснуваат од Комората, извршувањето врз плата и пензија може да се спроведе до износот од една третина на платата или пензијата, а во случаи на побарувања заради издршка, надоместок на штета заради загубена издршка поради смрт на давателот на издршката и сл, може да се спроведе извршување до една петтина од платата или пензијата.
Должниците чии сметки се блокирани, а на неа примаат плата односно пензија, треба писмено да го известат извршителот и да му достават доказ за да се одблокира сметката во банка, но и така ќе продолжи извршувањето со остатокот од паричните средства кои не го зафаќаат законскиот минимум.