Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје во партнерство со Европското движење организираа онлајн научна конференција во чест на проф. д-р Димитар Мирчев, универзитетски професор, дипломат, интелектуалец посветен на оживотворување на напредните идеи и на европската интеграција на државата, на тема „Националниот идентитет и европската интеграција”.
Словенечкиот амбасадор во заминување Милан Јазбец рече дека Мирчев, како голем интелектуалец, хуманист, социолог и прв македонски амбасадор во Словенија, целиот свој живот го посветил на истражување на општествените феномени и како луѓето од различни општества да живеат заедно и да создаваат заеднички вредности.
– Во неговата монографија „Балкански мегаетникум” ги претставува своите погледи и идеи, како државите на ваков хетероген простор како што е Балканот живеат заедно и покрај разликите и од своите потенцијали создаваат нови вредности. Тој ќе остане запишан во историјата како прв македонски амбасадор во Словенија, а воедно неговото име и дело доаѓа како добра основа за почеток на преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ на крајот на оваа година, рече Јазбец.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов рече дека Мирчев од амбасадор во Словенија се вратил во земјава и го препознал моментот да се смени парадигмата. – Дојде со мотото за либерализација на економијата, плурализација на политика, европеизација на надворешната политика. Сета инспирација ја користеше од Словенија и моделот „Европа здај”. Додека други се прилагодуваа на европски стандарди и принципи ние моравме да се докажуваме дека сме Македонци, дека имаме наш идентитет, наша држава и се оддалечивме од тоа што беше општ тренд во ЕУ, рече Иванов.
Во однос на што е европски идентитет, според него, самата Унија е поставена секоја членка го сочува нејзиниот национален идентитет, но прашање е што претставува европскиот идентитет. – Идентитетот се сведува на слобода, демократија, владеење на правото. Кога ќе го исполните тоа Поглавје правда и внатрешни работи вие станувате дел од европскиот идентитет, дел од ЕУ, рече тој.
Според него, нашата академска заедница била мрзелива на тој план и не успеала да ја убеди нашата јавност дека денес прашањата за идентитетот се на едно друго повисоко ниво и оти Балканот „се уште опстојува на прашања на идентитет кои во ЕУ се совладани и надминати и се содржани во нејзините договори”.
Иванов рече дека Мирчев ги истражувал балканските стереотипи и балканските комплекси. Според Иванов, со членките на ЕУ од Балканот, Европската Унија се балканизира и ќе продолжат блокадите меѓу балканските држави на патот кон ЕУ.
Професорката на Институтот по социологија на Филозофскиот факултет Милева Ѓуровска, рече дека професорот Мирчев беше истражувач и критичар на опшетственте практики, тогаш кога критиката беше многу ретка и беше космопилит со капацитет за разбирање на националните и политички состојби на Балканот и пошироко и борец за афирмација на македонската држава во Европа и пошироко.
– Во поглед на европските интеграции кои беа негов домен на различни видови активност, тој во неговата книга „Балкански меѓуетникум” ќе каже: „Перспективите на Македонија исклучиво ги наоѓам во европската и глобална интеграција. Тоа се развојните услови за развојот, за идентитетот и културата. Но, не само за Македонците, туку и за сите други народи што живеат тука”. Во 2000 година на Филозофскиот факултет ги оформи првите Европски постдипломски студии во државата. Познати се неговите заслуги во потпишувањето на Договоорт за стабилизација и асоцијација во 2001 година, заклучи професорката Ѓуровска.
Димитар Мирчев, универзитетски професор и редовен член на Европската академија на науки и уметности, почина на денешен ден пред четири години. Мирчев е поранешен амбасадор на земјава во Словенија, а извршуваше и важни функции во политичкиот живот. Беше основач на Младата демократска странка, на Македонскиот совет на Европското движење и еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија.