Косовскиот премиер Авдулах Хоти изрази загриженост поради непочитувањето на мерките за заштита од ширење на епидемијата на Ковид-19, напоменувајќи дека полицијата и здравствениот инспекторат „во одредни ситуации” не ги спроведуваат мерките што ги воведе владата и здравствените власти во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес конференцијата одржана попладнево, Хоти нагласи дека непостапувањето на органитге на редот и на инспекторатот посебно било воочливо при „одредени спортски настани и политички протести во Приштина”.
Со оглед дека единствен протест кој во последно време се случи во косовскиот главен град е оној на сега опозициското Движење самоопределување (ВВ), одржан кон средината на минатиот месец по смената на владата предводена од неговиот лидер Албин Курти, очигледна е алузијата на Хоти дека токму тој протест предизвика ширење на заразата, нешто што пред неколку дена во Собранието го изјави и новиот министер за здравство, Арменд Земај.
Косовскиот премиер објави дека во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово и во регионалните здравствени центри моментално се згрижени 570 лица заразени од новиот коронавирус, додека вкупниот капацитет за таа намена е 700 кревети.
– Единствени инструменти кои овозможуваат справување со ситуацијата се задолжителното носење маски, одржувањето на дистанцата и водењето сметка за личната хигиена. Експертите укажуваат дека овие три мерки се базични и мора да се почитуваат до откривањето на вакцина за Ковид-19, порача Хоти.