Шпанскиот првак Реал Мадрид планира да се ослободи од повеќе играчи кои не се во сметките на тренерот Зинедин Зидан. Според „Марка”, целта на раководството е да собере околу 180 милиони евра од продажба на непотребни играчи.
Реал веќе доби 43,5 милиони од трансферите на Ашраф Хакими во Интер и Чави Санчез во Ваљадолид. На „Сантијаго Бернабеу” се подготвени да се разделат со Герет Бејл и Хамес Родригез, а во трансфер-листата се и Оскар Родригез, Даниел Себаљос, Хесус Ваљехо, Маријано Дијаз, Браим Дијаз, Андреј Лунин, Серхио Регилон, Лукас Васкез, Мартин Јодегор, Начо Фернандез, Даниел Гомез и Хорхе де Фрутос.
Кралскиот клуб одлучи да не го продава Лука Јовиќ, за кого на Ајнтрахт (Франкфурт) минатата година платија 60 милиони евра. Српскиот напаѓач најверојатно ќе биде позајмен во друг тим.
„Марка” додава дека дури и ако планот се спроведе, Реал не планира да направи гласни влезни трансфери ова лето.