Летната туристичка сезона во Охрид независно ситуацијата наметната со коронавирусот сепак нуди културно-забавни настани наменети да ги анимираат гостите што летуваат на брегот на Охридското Езеро. Оние манифестации што не беа откажани се одржуваат согласно препораките и протоколите наметнати поради актуелната ситуација со коронавирусот, со редуциран број посетители и со почитување на правилата за дистанца и носење заштитна маска.
Во полн ек е третото издание на „Beach Film Festival” што на гостите им нуди несекојдневна можност да изгледаат некое од поновите европски филмски остварувања предвидени во програмата. Покрај киното на плажата „Свети Стефан” посебна атракција се проекциите на бродот „Армада”, каде вљубениците во седмата уметност уживаат во прекрасниот амбиент на мирното езеро, под ведро небо и млада месечина.
Во тек е и културно-забавната манифестација „На зајдисонце” во селото Трпејца, каде секојдневно на гостите во туристичката населба им се нудат најразлични содржини, од поетски читања, преку промоции на книги, уметнички дела, се до фаќање риба на јадица, школо за пливање, театарски работилници за деца.
За денеска во рамки на „На зајдисонце” на програмата е забавниот настан „Фаќаме риба на јадица”, додека вечерниот термин е резервиран за концертот со евегрин мелодии во изведба на уметниците Емилија Маринова и Јане Тодоровски.
За утре е предвидено да се одржи традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески” а во вечерниот термин на сцената Кај Бунарот ќе се одржи настанот озаглавен : „за Трпејца со љубов” посветена на писателот, хроничар и публицист Данило Коцевски и неговите раскази за Трпејца и трпејчани. Извадоци од книгата „Патување за Аркашон” од Коцевски ќе презентира актерката Марија Кондовска, а осврт за книгата ќе има новинарката Јана Коцевска. Вечерта, репризно ќе биде прикажан документарецот „Трпејца на дланка” премиерно прикажан пред три дена дена.
Како и вообичаено за викендите се очекува во Охрид и туристичките места на крајбрежјето да дојдат поголем број гости од другите градови на земјата. Има и туристи од странство, најмногу од Полска кои пристигаат со специјални чартер-летови, но поради ограничувањата при патувањето нивниот број е неспоредливо помал споредбено со претходните лета.