Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, по повод најавата дека Црна Гора годинава ќе испрати претставник на одбележувањето на 25-годишнината од операцијата „Бура” во Хрватска, изјави дека официјална Подгорица отиде предалеку во ширењето на антисрпската политика.
-За жал, веќе не е изненадување што Црна Гора се приклучи кон единствената држава во Европа која го слави етничкото чистење на сопствените граѓани. Актуелната власт во Подгорица отиде предалеку во ширењето на антисрпската политика, па по признавањето на Косово, заканите дека ќе го повикаат НАТО да ги брани од Србија и прогонот на Српската православна црква, морбидната забава во тврдината во Книн некако се наметнува како природен тек, рече Дачиќ за „Новости”.
Весникот потсетува дека ова е трета година по ред како црногорските власти сакаат да имаат свој претставник на прославата на „Бура”, која во минатото предизвикуваше негативни реакции во Србија и Црна Гора.