По одбивањето на барањата за членство во повеќе меѓународни организации, вклучувајќи ги и Европол и Интерпол, косовските политички аналитичари сметаат дека сега Косово треба да се фокусира на внатрешната борба против криминалот, како и да добие поддршка од земјите што веќе се дел од тие организации, пренесува „Газета експрес”.
Политичкиот аналитичар Артон Демхасај потсетува дека Косово веќе имало неколку неуспешни обиди за зачленување во Европол и Интерпол.
-Владата во целост ги запре тенденциите за членство во овие организации, затоа што е целосно фокусирана на продолжување на дијалогот. Ова беше и барање од САД, кои веруваа дека Косово не треба да инсистира на членството во Интерпол и Европол, рече Демасај.
Според него, затоа фокусот сега треба да се префрли на внатрешните проблеми, со криминалот и корупцијата, пренесува Косово онлајн.
Ехат Мифтарај од косовскиот Институт за правда вели дека за членството во меѓународните организации е потребна поддршката од повеќето земји.
-Поради сегашната состојба, ќе биде тешко да им се приклучиме, бидејќи членството во меѓународните безбедносни организации е волја на самите институции. Членството бара квалификувано мнозинство од државите што се во овие механизми. Косово се уште е далеку од членството во овие организации поради несоодветната поддршка, рече Мифтарај.