Таравари: ДУИ го заборави шестиот столб, столб на срамот за украдените албански гласови

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари  експресно го отфрли предлогот на ДУИ, која преку Бујар Османи вчера предложи нова „абанска платформа“ базирана на пет столба, а според која би се раководеле партиите на Албанците кога преговараат за составување на Влада.

Таравари, во изјава за „Слободен печат“  саркастично вели дека ДУИ го заборавиле „шестиот столб“.

-Го слушам портпаролот на ДУИ како зборува за пет национални столбови. Но тој го заборавил главниот столб, шестиот столб. Шестиот столб на албанската национална политика е столбот на срамот, столб каде ќе се постават сликите на тие што го украдоа албанскиот глас од лидерот на неговата партија со помош на локалните банди. Ако ја украдеш слободната волја е исто како да ги уништиш сите европски демократски вредности кои се стремеж на нашиот народ,
вели Таравари за Слободен печат.

Таравари ја прашува ДУИ зошто не им текнало порано на ваков предлог, туку баш сега. Но, потсетува и дека веќе има платформа за соработка меѓу партиите на Албанците во Македонија која ДУИ ја „заборавил“.

-Што не им текна на една ваква Платформа пред една, пет или десет години. Како е можно да заборават на декларацијата од 7 јануари 2017 години каде еден од побитните политички инструменти беше свикување на тркалезна маса на политичките парламентарни партии на Албанците, кои г. Ахмети никогаш не ја свика во последните три година. Тој веќе имаше политички инструмент како најголема партија на Албанците да ги свикува за важни прашања партиите на Албанците со претставници во Собранието. Тоа не го стори ниту еднаш. Многу несериозна е ваквата понуда, рече Таравари.

Понудата на ДУИ ја отфрлија и од Алгернатива нарекувајќи ја безвредна.

-Не прифаќаме национални платформи од човек кој краде гласови и ја краде иднината на своите сограѓани. Им врие под нозете, се плашат од денешниот протест, со кој Албанците ќе докажат пред Европската Унија дека им е украдена слободата на изразување. ДУИ не може да го докаже спротивното, бидејќи самите знаат дека ги полнеле кутиите и ги уценувале граѓаните да гласат за нив. Редно е Албанците еднаш за секогаш да застанат на стабилни нозе заедно со сите граѓани во државата, изјави генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, за „Слободен печат“.

Османи предложи на изборите да настапуваат најмногу две партии или две коалиции на партии на Албанците, само тој што ќе победи да води преговори за формирање на влада, а вториот да не се меша. На крај, се предлага опозицијата кај партиите на Албанците да дава поддршка на владејачката партија на Албанците за „стратешките линии“, а да критикува за дневно политички прашања.

Треба да знаете
Последни објави