Претседателот на Институтот за заразни болести Роберт Кох, Лотар Вилер денеска изјави дека е загрижен поради развојот на епидемиолошката состојба во Германија и бројот на новозаразени со коронавирусот.
Вилер на прес-конференција изјави дека Германија и светот се наоѓаат во екот на брзо ширење на пандемијата.
Според него, граѓаните станале невнимателни, повеќе не се придржуваат до правилата за хигиена и растојание, а тоа во моментов води кон многу мали жаришта низ цела Германија.
Вилер апелираше до граѓаните да продолжат сериозно да ги сфаќаат корона-правилата, бидејќи тие се единствениот начин епидемијата да се стави под контрола.
– Тоа е во наши раце, рече тој и додаде дека не се знае дали ова е почеток на вториот бран, нагласувајќи дека би можело да биде.
– Развојот е навистина многу загрижувачки, повтори Вилер.
Во врска со планираното отворање на училиштата по летниот распуст, тој рече дека тие ќе бидат отворени и дека мора да се отворат, но според одредени правила.
Неговата колешка Уте Рекрот објасни дека луѓето се заразуваат на семејни прослави, на работа, на средби со пријателите, но и за време на престој во странство.
Сепак, таа потенцира дека повеќето од нив се заразени во Германија.