ЈП Водовод и канализација – Скопје започнува кампања со цел подигнување на јавната свест за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем под мотото „Биди одговорен, однесувај се совесно“. „Низ годините, особено во последно време светот па и ние се соочуваме со последиците од климатските промени. Наша должност е да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно. Наша должност е да ја видиме поголемата слика и да почнеме да ги менуваме старите секојдневни навики за да обезбедиме подобри услови за утре, за следниот месец и за годините кои се пред нас. Покрај честите апели кои како претпријатие ги упатуваме до граѓаните за рационална употреба на водата и акциите кои се спроведуваат за отстранување на дивите приклучоци, во наредниот период ќе се обидеме на едноставен начин да ги прикажеме „малите краткорочни грешки“ од секојдневниот живот кои доколку се променат, ќе резултираат со долгорочни резултати за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем, како и со менување на начинот на размислување и зголемување на свесното и одговорно однесување“ , вели г-дин Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи во наредните денови ни претстојат жешки летни денови со температури до 40 степен Целзиусов. ЈП Водовод и канализација – Скопје повторно апелира до граѓаните за рационална употреба и користење на водата, избегнување на полевање на големи површини, бавчи и ниви особено во периодите со високи температури.
Со цел заштита на системот за водоснабдување, граѓаните кои регуларно и редовно ги извршуваат своите обврски кон претпријатието, како и во согласност со сите законски регулативи, ЈП Водовод и канализација – Скопје ги повикува сите граѓани кои имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци, истите да ги пријават на еден од следните контакти:
- 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар;
- 02 3240 300, Дирекција
- kontakt@vodovod-skopje.com.mk
- vodovod-skopje.com.mk
- wwfacebook.com/jpvodovod.skopje
Дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснадбување, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснадбување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело.