Велешани од локалната власт бараат итно стопирање на новиот бран дивоградби кај омиленото рекреативно место Долна Бабуна и клисурата Пешти во близина на Велес позната по бројните пештери, природни убавини и ретка флора и фауна.
Општина Велес кон крајот на минатата година изгради пристапен асфалтен пат до Пешти, со цел да привлече голем број туристи за да ги видат неговите природни убавини и реткости и бројните пештери и да го развива туризмот.
Но граѓаните ѝ замеруваат на Општината дека со изградба на асфалтниот пат од 2,6 километри вреден 15 милиони денари од Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој само им овозможила на несовесните граѓани многу полесно, со автомобил и други превозни средства да дојдат полесно до Пешти и каде што ќе им се допадне бесправно да узурпираат државно земјиште и експресно да изградат викендичка или голема куќа, а која за некои потоа станува и постојано живеалиште.
Според податоците од Општина Велес, до изградбата на патот до Пешти, односно кон крајот на минатата и почетокот на годинава беа 70-тина, а само за неколку месеци од неговата изградба бројот на дивоградби рапидно порасна на 100-тина.
Граѓаните оценуваат дека Општината е немоќна да се справи со сè поголемиот број прекршители на законот, кои бесправно узурпираат државно земјиште и градат бесправни градби каде што ќе им се допадне и сосема блиску до реката и непосредно до клисурата Пешти на реката Бабуна.
Со тоа тие несовесни узурпатори ги уништуваат природните реткости и убавини, а воедно им ја заградуваат реката за рекреација и капење на сите останати граѓани.
Граѓаните се револтирани на дел од несовесните граѓани, а кои по примерот од филмовите за Дивиот Запад – кој прв стигне со знаменце за одбележување, буквално пред очи им ја приграбуваат реката и непосредната околина за себе и своите семејства.
Општината има недостиг од градежни инспектори што ќе ги гонат прекршителите на законот
Од Општина Велес овој тежок проблем му го посочија и на надлежниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески при вчерашната посета на Велес.
Министерот Сугарески појасни дека овие дивоградби не се предмет од прва, туку од втора категорија и се во надлежност на општинските инспектори, а не на Државниот градежен инспекторат.
Но Коцевски му појасни дека имаат проблем со недостиг од градежни инспектори, кои ја одбиваат оваа тешка и напорна работа, а и дека имаат и бројни закани од прекршителите на законот, а од друга страна се недоволно платени и затоа не ја прифаќаат инспекторската работа.
– Таков случај, а еден од многуте е од завчера кога еден инвеститор на езерото „Младост” на вработени од општинската администрација им се заканувал за членовите на нивните семејства. Тие работни места стануваат непопуларни, платите се ниски и за такви плати никој веќе не сака да работи на овие сериозни работни места во општинската администрација. Ние како општина имаме недостиг од градежни инженери, архитекти и градежни инспектори и затоа системски треба да се реши проблемот. Предлагам тие работни места да бидат особено наградувани за да ги привлечеме да дојдат на работа искусните инженери. Воедно и тој еден градежен инспектор што сега го имаме ни се заканува дека ќе даде отказ, бидејќи има премногу работа, а од друга страна не може да ги издржи притисоците што секојдневно ги чувствува врз себе, потенцира Коцевски.
Тој му посочи на министерот Сугарески дека проблемот е многу сериозен и треба итно да се решава во соработка со институциите на централната власт, а која ги носи законите што се однесуваат на статусот на инспекторите.
Градоначалникот Коцевски предлага или платите на инспекторите енормно да им се зголемат, за овие работни места да станат примамливи или да се најде друго решение.
Тој како крајно решение предложи општините да се откажат, а државата да ја земе ингеренцијата на инспекциската контрола на бесправно изградените објекти, а доколку сите тие се изјаснат дека не можат да се справат со масовна експанзија на дивоградби, дециден е градоначалникот Коцевски.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески појасни дека државата настапува само кога станува збор за предмет од прва категорија, а овие дивоградби се од втора категорија, што е работа на општинските градежни инспектори.
– Меѓутоа доколку не биде постапено од страна на Општината, тогаш Државниот градежен инспекторат настапува од име на Општината, односно во член 145 многу јасно е напишано дека ако не е постапено и има неправилности од страна на Општинскиот градежен инспекторат, тогаш настапува Државниот градежен инспекторат. Јас генерално би кажал дека државата целосно стои зад општините. Затоа секаде каде што треба да интервенираат општинските градежни инспектори тоа треба да го направат бидејќи се предмети од втора категорија. Од друга страна, од прва категорија ингеренцијата е апсолутно на Државниот градежен инспекторат, потенцира Сугарески.
На новинарска констатација дека има општини што имаат едвај еден општински градежен инспекторат за една и неколку соседни општини, Сугарески појасни дека во 2005 година, кога беше децентрализацијата, во обѕир се зеле и овие работи и не станува збор дека државата не сака да помогне.
– Затоа поголемите општини согласно огласите можат да примаат и повеќе градежни и комунални инспектори и тоа можат да го направат во согласност со другите општини, појасни Сугарески.
Граѓаните на Велес револтирани, надлежните да не ја префрлаат топката од една на друга страна и заеднички и итно да го решаваат проблемот
Многу од повозрасните велешани, но и помладите, се револтирани што некои нивни сограѓани за свои потреби ја преградуваат реката, а недлежните не реагираат соодветно и не ги санкционираат. Тие велат дека посебно се револтирани на ваквата состојба особено во овие месеци на корона-пандемија, а кога границите за патување им се затворени, а тие немаат каде да се рекреираат и да се разладат во овие летни горештини.
Една од нив е 44-годишната Весна Николовска, која се присетува дека од мала со родителите цело лето, а посебно за викенд и празник, доаѓале и се капеле и рекреирале на Долна Бабауна и во клисурата кај Пешти, каде што има и песочна плажа и многу природни убавини. Сега таа тука ги носи своите деца, но е револтирана и разочарана бидејќи сè повеќе нема слободни места каде што можат да престојуваат покрај реката и да се капат, а бидејќи реката сè повеќе е преградувана и узурпирана од несовесни граѓани.
– Реката и клисурата Пешти се природно национално богатство и треба да се заштитат и никој нема право да ги направи приватна своина. Многу сум револтирана што локалната и државната власт си ја префрлаат топката, наместо итно и заеднички да го решат проблемот. Барам итно да ги стопираат дивоградбите, да ги казнат прекршителите, за да се заштити реката со нејзините природни убавини, потенцира Николовска.
Слично размислување и револт за нерешавање на проблемот со напливот на нови дивоградби на клисурата Пешти и долното течение на Бабуна имаат најголем број велешани, кои со години наназад за летна рекреација и капење ги имаа долното течение на Бабуна и клисурата Пешти.
Поради неможноста за справување со дивоградбите доведена во прашање најавената ревалоризација на клисурата Пешти на реката Бабуна за заштитата на нејзините природни убавини, флора и фауна
Клусурата Пешти на Бабуна, која е прогласена за карактеристичен пејзаж од страна на Советот на Општина Велес во 2001 година, а по предлог од тогашниот и сегашен градоначалник Аце Коцевски, поради измените на законската регулатива треба да се направи нејзина итна ревалоризација.
Целта да се најде начин како да се заштити ретката флора и фауна и другите природни убавини од сè поголемиот број дивоградби, а на Општина Велес да ѝ овозможи да го развива туризмот.
Но затоа Општина Велес треба итно да го реши проблемот со стотината дивоградби покрај реката Бабуна и во непосредната околината на клисурата Пешти, чиј број постојано расте, а посебно пролетва и летово по изградбата на асфалтираниот пат.
Како што појасни на 23 јануари годинава градоначалникот Аце Коцевски заедно со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули ја посетија Долна Бабуна и стигнаа до мостот на реката пред клисурата Пешти и направија увид во природните убавини и бројните дивоградби.
Коцевски тогаш појасни дека сопствениците на дивоградби со измените на законските регулативи имаат право да ги легализираат со една обична изјава дека во случај на оштетувања на нивните куќи од поплавен бран на реката Бабуна нема да бараат оштетувања од државата.
Но тој тогаш потенцира дека и покрај тоа локалната власт сепак не легализирала ниту еден објект од дивоизградените куќи и затоа разговараат и бараат помош и се консултуираат со надлежните ресори во Владата и со Владата.
Воедно појасни дека ако дивоизградените куќи од кои голем дел се во непосредна близина на реката Бабуна ако се легализираат тие како локална власт доаѓаат во судир со друг закон. Тој вели дека крајбрежниот појас околу реката Бабуна во ширина од 50 метри треба да биде достапен за спорт и рекреација за сите граѓани.
Коцевски тогаш му се се пожали на надлежниот заменик-министер за животна средина, дека со изградба на бесправите објекти, дел од сопствениците ги преградуваат платиновите стебла, кои се заштитени со закон.
Статус кво за најавената проценка за клисурата Пешти
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули пред шест месеци за новинарите појасни дека клисурата Пешти повторно да биде прогласена за карактеристичен предел, треба да направат проценка.
Притоа доколку се работи за површина помала од 100 хектари, тогаш само со елаборат може да се прогласи за природна реткост.
Но доколку површината е поголема од 100 хектари тогаш, според Законот за природа, мора да се направи ревалоризација на убавините, да се оценат карактеристиките што ги има и потоа дури да потпаднат во една од категориите што постојат во Законот за природа.
– Во зависност од заштитеното подрачје во кој степен ќе биде тогаш ќе може да се реши сè што е недомаќински направено во овој дел, а на граѓаните да им се понудат убавините, појасни заменик-министерот Макрадули.
Од друга страна, граѓаните на Велес се револтирани дека од овие ветувања, по цели шест месеци ништо не е решено. Воедно наместо да се решат постојните 70-тина дивограби тие за шест месеци пораснаа на стотина.
Анкетираните граѓани за МИА оценуваат дека локалната и државната власт итно треба им застанат на пат на узурпаторите на државно земјиште и итно да им изречат казни за да ги спречат во нивните нелегални градежни дејства. Од друга страна, според нив најавената ревалоризација и заштита на клисурата Пешти и Долна Бабуна многу тешко ќе може да се оствари.
Воедно градоначалникот Коцевски тогаш најавуваше дека доколку МВР им даде согласност патот за Пешти наутро и навечер да биде за возила, а во текот на денот да биде велосипедска патека, која ќе биде атрактивна за велешани и туристите, а со исклучок на возила за Брза помош, на полицијата и на пожарната.
Но граѓаните реагираат и дека по шест месеци по најавите, тоа сè уште не е реализирано.
Клисурата Пешти го добила името по стотината пештери, во некои од нив има и вредни ранохристијански цркви, а белоглавиот орел, за жал, последниве години исчезна
Пешти е клусура на реката Бабуна на јужниот излез од Велес на 5 километри од устието на реката Бабуна во реката Вардар. Долга е 430 метри, а името го добила поради 100-тината помали и поголеми пештери, во кои се откриени фосилни остатоци од цицачи стари од 70 илјади до 10 илјади години пред нашата ера. Во Маркова Пештера има зачувани остатоци од ранохристијанска црква. Тие се интересни за археолозите и историчарите на уметноста кои бараат итна заштита на овие скапоцени и ретки споменици од минатото, што, за жал, се уништуваат од жителите од околните села и несовесни посетители.
Порано во овој предел високо над карпите над клисурата Пешти кружеше и белоглавиот орел заштитен со закон, а кој последниве години е целосно исчезнат.
Пештерите над клисурата Пешти се интересни за спелеолозите, стрмните карпи за искачување на алпинистите и освојувачите на карпи, а бројната флора и фауна за билозите и зоолозите, кои бараат итна заштита на клисурата Пешти.
Велешани со гордост зборуваат за клисурата Пешти и сакаат да им ја покажат на сите добронамерни патници.
Тие затоа апелираат до надлежните итно да ги зачуваат и да ги заштитат нејзините природни убавини и реткости за сегашните и идни генерации.