Во населеното место Миладиновци во завршна фаза е изградбата на градинка – капитален проект што Општина Илинден го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Објектот ќе биде пуштен во употреба во септември годинава.
Вкупната вредност на инвестицијата е 30 милиони денари, од кои од Буџетот на општината се обезбедени 24 милиони денари и шест милиони денари од Министерството за труд и социјална политика. Новата градинка, која се наоѓа веднаш до централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци” и новоизградената амбуланта во населено место Миладиновци, се простира на површина од 540 метри квадратни со капацитет за згрижување на 90 деца на возраст од 2 до 6 години, како и на деца на возраст од 9 месеци до 2 години, односно ќе бидат воведени јасли.
Од општинската прес-служба информираат дека со изградбата на градинката ќе се создадат услови за згрижување на најмладите од околните населени места кадешто живеат приближно 4 000 жители.
– Со реализацијата на овој проект дополнително ќе се овозможи да се ослободи простор во веќе постоечката градина „Гоце Делчев” којашто е со капацитет од 450 деца на возраст од 2 до 6 години, и ќе се создадат услови за згрижување на деца од најмалата возраст (од 9 месеци до 2 години) и воведување на јасли и во оваа детска градинка, соопштуваат од општината.
Општинската градинка „Гоце Делчев” е изградена и пуштена во употреба во 2009 година и на почетокот згрижуваше 60 деца. Брзиот развој на општината, како и зголемениот прираст на населението наложи потреба од зголемување на нејзиниот капацитет, па така, со надградбата, проширувањата и изградбата на овој нов објект во Миладиновци, создадени се услови за згрижување на вкупно 540 дечиња од предучилишна возраст во општина Илинден.
Од локалната самоуправа посочуваат дека и во иднина ќе продолжат со реализација на концептот за изградба на објекти од јавен карактер, во делот на згрижување на деца од предучилишна возраст.