Со два часа доцнење, денеска продолжи експретседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Причина за доцнењето беше неговото барање за изземање на велешкиот суд и на претседателката на судот. Скопска Апелација го одби неговото барање, по што судот сослуша уште четири сведоци, службеници во скопскиот Кривичен суд, објави „360степени“.
Адвокатите на Панчевски, како и на претходните рочишта, бараа тој да излезе од притвор и да продолжи да се брани од слобода.
Како аргумент го посочија документот од Агенцијата за вработување, во кој, според нив, пишува дека нивниот клиент е во работен однос, па според тоа, тој како судија има имунитет.
Вчера како сведоци во велешкиот суд се појавија и поранешниот в.д. претседател на Кривичен, Стојанче Рибарев, и актуелниот шеф на скопска единица Иван Џолев.
Објаснуваа како со одвива процесот на распределба на предмети во судот. Владимир Панчевски е обвинет дека додека како претседател на Кривичниот суд наместо електронски преку АКМИС-системот, дел од случаите ги делел рачно, на судии во кои имал доверба. На ваков начин распределил околу 40 предмети. Меѓу нив се и два случаи на Специјалното јавно обвинителство. Панчевски е обвинет за злоупотреба на службената положба. Експретседателот на Кривичен е во притвор од 15 јули, кога сам се пријави во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, откако три дена не беше достапен. Судењето продолжува идниот вторник. Најавено е сослушување на уште двајца сведоци и едно вешто лице.
Фото: СДК.мк