Банките во еврозоната треба да ја одложат исплатата на дивиденди и за откуп на акции до 1 јануари следната година, советува Европската централна банка (ЕЦБ), јави ДПА.
Европската Централна банка, чие седиште е во Франкфурт, се надева дека ова ќе ја зајакне способноста на кредиторите да ги „преземат” загубите за време на пандемијата на коронавирусот, а со зголемување на капиталот да може заеми да им даваат на приватни потрошувачи и бизниси.
-Создавањето силен капитал и ликвидост од последната финансиска криза им овозможи на банките за време на оваа криза да продолжат со кредитирање на домаќинствата и бизнисите и со тоа да помогнат во стабилизирање на реалната економија, изјави денеска Андреа Енрија, претседател на надзорниот одбор на ЕЦБ.
„Затоа сега е уште поважно банките да се охрабрат да го користат својот капитал и ликвидност и да продолжат да се фокусираат на оваа сеопфатна задача: заеми”, додаде тој.
ДПА појаснува дека ЕЦБ досега од банките бараше да се воздржат од плаќање на дивиденда на акционерите до 1 октомври. Многу банки одговорија со откажување на планираната распределба на добивката за финансиската 2019 година или барем ја намалија.
ЕЦБ од ноември 2014 година директно ги надгледува најголемите банки и банкарски групи во еврозоната, а во моментов тоа се 115 институции во 19-члената валутна заедница, што претставува речиси 82 отсто од пазарот, појаснува ДПА.