Зеленило и содржини за деца во новиот HALKCORNER во Лептокарија

Започнаа изведбените, теренски активности за реализација на зелениот корнер во ТЦ „Лептокарија“, во населбата Карпош 3. Од десната страна, на популарната „коцка“ ќе се добие уреден дел, ново зеленило (хортикултурно уредување), систем за наводнување, клупи за седење, реквизити за деца и соодветна подлога.

Станува збор за еден од пофреквентните делови во Карпош, со што овој дел ќе добие додадена вредност и ќе има повеќе содржини за рекреација на сите генерации граѓани.

Уредување на овој јавен простор го финансира „Халкбанк“ АД Скопје, во рамки на проектот „HalkEco“, чија основна цел е заштита и унапредување на животната средина. Денеска, во теренски увид на активностите беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и главниот извршен директор на „Халкбанк“, Билал Суџубаши.

-Започнуваме со уредување на еден препознатлив дел од Карпош. Ова место е срцето на општината, простор каде што се организираат многу настани и случувања. Мило ми е што ќе добиеме уреден простор за најмладите, со повеќе зеленило, урбана опрема, систем за наводнување и содржини за дечињата. Исто така, се заблагодарувам до „Халкбанк“. Банка која ја препозна нашата заложба за почист и зелен Карпош и ја покажа својата општествена одговорност. Ги повикувам и сите други компании да го следат овој пример и да покажат грижа кон заедницата, истакна Богоев.

Градоначалникот напомена дека локалната самоуправа, изминатиов период сериозно вложуваше во нови системи за наводнување и засадување на тревни површини. Токму, во „Лептокарија“, во средишниот дел се постави автоматски систем за наводнување на зеленилото, со цел истото да биде подолготрајно.

Суџубаши говореше и за рoкот на изведба на ова зелено катче и придобивките од истото:

-Со овој проект, кој планираме да биде завршен до крајот на идниот месец, се надеваме дека жителите на Општината ќе добијат катче кое ќе биде пријатно место каде ќе го минуваат слободното време, но ќе биде и пријатно место и за сите кои го посетуваат овој трговски центар. На крајот, тоа може да доведе и до поголема економска активност и економски бенефит за многуте трговски објекти кои делуваат токму овде. рече извршниот директор на „Халкбанк“.

Во изјавата за медиуми, тој ги истакна и другите активности на кои оваа општествено – одговорна компанија работи периодов.

Имено, овие денови заврши целосната обнова на препознатливите 19 пешачки мостови во Градскиот парк, кои беа реализирани како донација на „Халкбанк“ кон Град Скопје и жителите на главниот град.

Суџубаши се заблагодари на корисниците на „HalkEco“ апликацијата, кои со својата активност допринесуват за садење дрвја од страна на банката, како и на компанијата „Mastercard” која  уште од самиот почеток ја препозна идејата на „Халкбанк” и се јави како дополнителен поддржувач на оваа еко платформа..Општина Карпош продолжува со интензивната соработка со приватниот сектор, во градењето на поздрава и почиста заедница.

 

Треба да знаете
Последни објави