Комитетот на ОН за човекови права денеска повторно го потенцираше „правото на мирни протести” и предупреди дека безбедносните и здравствените изговори се користат поради нарушување на тоа основно право.
– Во овој период кога случувањата, како пандемијата на Ковид-19, поставуваат предизвици без преседан и кога глобалните протести во знак на поддршка на движењето „Црните животи се важни” илустрираат важност (право на протест), Комитетот на ОН за човекови права објави упатства во кои се прецизира концепт на „мирен собир” и должности на владите, се наведува во соопштението.
Комитетот на ОН за човекови права, независно тело составено од 18 експерти, е одговорен за проверка на примената на Меѓународниот акт за граѓански и политички права, чиј член 21 го потврдува правото на мирни протести.
– Учеството на мирни собири поради изнесување мислења, славење или изнесување барања, е основно човеково право и претставува темел на демократското општество, изјави известувачот Кристоф Хајнс.
Тој објасни дека „сите деца, странци, жени, работници, мигранти, баратели на азил и бегалци, имаат право на мирни протести во повеќе облици – на јавни или приватни места, на отворен или затворен простор”.
Комитетот ги потсетува владите на нивната должност да овозможат мирни протести и да ги заштитат демонстрантите, и да не забрануваат собири доколку немаат реално оправдување.
Во упатствата на Комитетот е наведено и дека демонстрантите имаат право да носат маски и качулки, дека властите не можат да собираат лични податоци за да ги заплашат луѓето или да го блокираат интернетот.
Комитетот, исто така, го потенцира и правото на новинарите и набљудувачите од здруженија за човекови права да присуствуваат и да ги документираат собирите, „вклучувајќи ги и протестите кои се забранети и насилни”.
Во текот на пандемијата на коронавирусот, од кој починаа повеќе од 650.000 лица во светот, голем број влади ги забранија собирите над одреден број учесници.