Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави можен референдум за Универзалната сала, откако конкурсот што го распиша градската администрација за поставување отворена летна сцена на оваа локација ја отвори можноста за уривање на еден од најпрепознатливите објекти за културниот и забавен живот во главниот град, кој е под клуч во последните пет години.
На денешниот брифинг во град Скопје, по бурата од реакции околу можното уривање на Универзална Сала, Шилегов рече дека една од опциите е да има референдум во главниот град, кој можеби нема да биде потребен ако граѓаните претходно се согласат сегашниот дотраен објект да се реставрира, а на друга локација да се изгради и нова сала.
Шилегов, како што рече, лично се залага за таа опција – стариот објект да биде реставриран, а на друго место да се изгради и нова поголема сала. Во таа насока следните чекори би биле распишување конкурс за реставрација на Универзална сала, како и конкурс за одредување локација за уште еден, нов објект од таков вид.
Во однос на евентуалните нови локации, Шилегов рече дека е рано да се зборува за тоа но како опции за нова локација ги спомена спортската сала Борис Трајковски, односно изградба на друга сала до неа и оранжериите паркови и зеленило на самиот влез од Градски парк.