За најавите за можни избори наесен од страната на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, премиерот на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски во разговор за „Утрински брифинг“ вели дека победникот е јасен и тоа е СДСМ.
-Ние сме насочени кон формирање на нова влада. Мора имаме функционални институции кои што ќе можат да носат одлуки. Тоа што Мицкоски го збори е дел од неговото секојдневие – да менува ставови. Ние започнуваме со преговори после празникот 2 август. Секако дека разговраме со политичките партии, но официјалните разговори започнуваат после Илинден. Ќе разговараме со пор-европските партии кои ги поддржуваат принципите за напредок на Република Северна Македонија, изјави Спасовски.
Во врска со обвинувањата за купување на пратеници во обид да се создаде парламентарно мнозинство, Спасовски вели дека тоа е уште една небулоза на Мицкоски во спектарот на небулози кои се пласираат деновиве.
-Во изминатиот период покажавме сериозен пристап кон сите сериозни важни прашања и таков пристап ќе имаме и сега. Низ дијалог и врз база на принципите за кои се залагаме и говорев претходно ќе биде основа на која што ќе побараме поддршка во македонското Собрание. И на база на тие принципи ќе ја формираме владата и тоа мислам дека ќе биде многу брзо по конститутивната седница на Собранието, вели Спасовски.