Републиканецот Херман Кејн, поранешен претседателски кандидат, почина синоќа на 74 – годишна возраст по кратко боледување проследено од симптоми на Ковид-19, пишува весникот Вашингтон пост.
Поранешен топ менаџер на ланец на ресторани за пица, републикански активист и кандидат за претседател на изборите во 2012 година, Кејн бил хоспитализиран пред неколку недели во Атланта, Џорџија, по позитивен тест од коронавирус.
Весникот пишува дека вирусот најверојато го добил на митингот на претседателот Доналд Трамп во Тулса, Оклахома, одржан на 20 јуни.
Како што пренесува дописникот на МИА од Вашингтон, Кејн беше еден од неколкуте илјади луѓе кои присуствуваа на митингот, а најголем дел од нив не носеа маски.
Како копретседател на групата „Црните гласови за Трамп”, тој беше фотографиран без маска и без да држи физичко растојание.
Кејн е еден од поистакнатите политичари кои настрада од пандемијата.
Иако САД е зафатена од пандемијата со речиси 4.4 милиони заразени и над 152.000 смрни случаи, и други истакнати политичари републиканци се уште не ја земаат сериозно опасноста од Ковид-19 и не ги слушаат советите на експертите за носење маска и држење растојание.
Така, конгресменот Луј Гомерт од Тексас, кој е забележан како оди по холовите на американскиот Капитол без маска со недели, во средата објави дека е позитивен на вирусот, а токму пред планираното патување со Трамп во претседателскиот авион истиот ден.
Кејн на Твитер напиша дека маските не се обврзни на прославата за празникот 4-ти јули, која Трамп ја одржа на Планината Рашмор во Јужна Дакота.
„На луѓето им е преку глава”, напиша тој тогаш. Веднаш потоа бил хоспитализиран, со симптоми на Ковид-19.
„Мојот пријател Херман Кејн, Моќен глас за слобода и сѐ што е добро, почина изутринава, напиша Трамп на Твитер, и додаде дека зборувал со неговото семејство да изрази сочувство.