Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост во врска со Обвинителниот предлог против Љупчо Златев, уредник на Лидер.мк од страна на Основното јавно обвинителство Скопје за наводно сторено кривично дел „Оддавање на службена тајна“. ОЈО во својата објава вели дека на 9 јули и 12 јули на интернет порталот на кој Златев е уредник како и на Фејсбук страницата од истиот медиум, објавил текст во кои сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според ОЈО се класифицирани информации затоа што се однесуваат на оперативна проверка на лице.
Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла. Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до Кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог.
Како професионални новинарски организации сметаме дека секогаш кога институциите преземаат активности со кои може да се прекрши слободата на изразување клучно е внимателно и прецизно да се проценува дали јавниот интерес преовладува над нормативните акти.
Институциите треба да земат во предвид дека при постапување во вакви случаи, треба да се водат од начелото на јавен интерес и од тоа колку ваквите судски постапки можат да предизвикаат самоцензура, а со тоа да се ускрати правото на граѓаните да бидат свесни за евентуални злоупотреби во институциите. Од друга страна, новинарите кога објавуваат сензитивни информации кои ги базираат на документи кои се класифицирани, потребно е да покажат висок степен на професионализам, односно на почитување на професионалните новинарски стандарди, како и на доследно почитување на Етичкиот кодекс на новинари.