Отповикување на одлуките за годишен одмор за вработените и зголемување на возниот ред, се мерките што за јавниот превоз во Атина, ги презема Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција, откако во изминатите денови, поради летниот проретчен возен ред и намалената фреквенција на автобуси, тролејбуси и метро, имаше зголемена гужва.
-Сликата од изминатите денови во јавниот превоз нè загрижува, а поплаките на граѓаните се оправдани. Министерот за инфраструктура и транспорт, Костас Караманлис, е во континуирана соработка со администрациите на надлежните органи и им побара да ги исцрпат сите можности за да се намалат временските растојанија, соопштуваат од надлежното Министерство.
Дополнително, објаснуваат дека од утре ќе се воведе нова програма за зголемување на фреквенцијата на автобуси, тролебуси и метро.
Паралелно, зголемени се и контролите на полицијата во јавниот превоз во Атина за задолжителната употреба на маска од патниците.
Ситуацијата во јавниот превоз, како и местата за забава, поради зголемените гужви, беа во фокусот на вчерашниот состанок на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и со епидемиолозите.
-Ако оцените дека треба да го вклучите алармот за преземање некоја мерка, не се двоумете да го сторите тоа навремено, им порача вчера Мицотакис на епидемиолозите.