Од Грција за Германија денеска заминаа 90 баратели на азил -семејства со деца со сериозни здравствени проблеми, кои беа сместени во прифатните центри на грчките острови. Во рамките на европската солидарност, како што соопштуваат од Министерството за миграција и азил на Грција, Германија ќе прими 243 деца со сериозни здравствени проблеми, односно вкупно 928 бегалци, со оглед на тоа дека од грчките острови децата заминуваат со нивните семејства.
-Грчко- германската соработка во мигрантското прашање докажува дека, кога постои политичка волја и професионализам, принципот на солидарност се претвора во спроведена и ефективна политичка активност, рекол алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос.
Германскиот амбасадор во Грција Ернст Рајхел истакнал дека Германија продолжува да прима болни деца и деца кои имаат потреба од болничка нега, а се сместени на грчките острови.
-На овој начин, ние даваме јасен знак за европска солидарност. На тешкиот пат кон заедничка европска политика за азил, солидарноста на сите партнери во ЕУ е апсолутно неопходна, рекол Рајхел.
Ова е втората група бегалци што од Грција заминува за Германија, откако минатата седмица веќе заминаа 80 баратели на азил.