Австралија ќе стане првата земја што ќе бара од интернет компаниите да им плаќаат на медиумски куќи за новинската содржина.
Земја ќе ги принуди технолошки гиганти како Фејсбук и Гугл да ги платат австралиските медиуми за објавените вести.
Овој принцип е според модел сличен на авторски права, а годинава ќе биде регулиран со закон, соопшти австралискиот министер за финансии, Џош Фрајденберг.
– Тоа би било чесно за работењето на австралиските медиуми. Треба да обезбедиме подобра конкуренција, подобра заштита на потрошувачите и одржливо медиумско опкружување. Се работи за иднината на австралискиот медиумски простор, додаде Фрајденберг.
Гугл соопшти дека регулативата ги игнорира „милијардите кликови” што ги праќа до австралиските медиуми секоја година.
– Тоа испраќа загрижувачка порака до компаниите и инвеститорите дека австралиската Влада ќе интервенира наместо да го пушти пазарот сам да работи. Не прави ништо за да се справи со фундаменталните предизвици на создавање деловен модел погоден за дигитално време, изјави Мел Силва, извршен директор на Гугл за Австралија и Нов Зеланд.
Фејсбук сè уште не одговорил на барањето за коментар.