Одбележувањето на двата историски Илиндена без масовни собири и со здравствени протоколи

Денот на Републиката 2 Август, на кој се празнуваат двата историски Илиндена, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, оваа година поради епидемијата ќе бидат одбележани без масовни собири и културно-уметнички програми и со здравствени протоколи за заштита од КОВИД-19, утврдени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата.

Според агендата, претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во
Меморијалниот центар во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Kамен во Крушево и претседателот на Владата Оливер Спасовски на свеченоста во Скопје. Како дел од официјалната програма и годинава се вклучени содржините од Смилево со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинденското востание и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев”.

На сите локации настаните ќе бидат организирани според здравствените протоколи кои Владата ги усвои минатата недела – просторот каде што ќе се одржуваат ќе биде заграден и со столчиња поставени на два метра растојание за да ја има потребната дистанца меѓу посетителите. Нивниот број ќе биде ограничен најмногу до 50 проценти од капацитетот на оградениот простор. Ќе има јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, а редарска служба ќе го контролира спроведувањето на мерките и ќе спречува неовластено влегување во просторот.

Сите учесници и посетители на настаните, гости, членови на тимовите задолжени за организација, како и гардистите, задолжително треба да носат заштитни маски. Дозери за дезинфекција на рацете треба да има при влез и излез и на неколку места во оградениот простор, како и едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки кој ќе биде поставен на видни места.

Во зависност од бројот на учесници на настанот, протоколите предвидуваат и мобилни хемиски тоалети, како и медицински екипи со санитетско возило. Забрането ќе биде служење и поставување штандови со храна и пијалаци, а служење вода ќе биде дозволено само ако е оригинално спакувана.

Делегациите ќе положуваат венци и свежо цвеќе на спомен-обележјата според протоколи за растојание – просторно од два метра и временско од две минути. Во културно-уметничкиот дел на програмата за одбележување на настанот оваа година нема да учествуваат хорови, играорни групи, дувачки оркестри. Државната химна се препорачува да ја отпее едно лице без учество на придружни вокали.

За превоз на учесниците до местото на настанот важат протоколите за превоз на патници изготвени од Комисијата за заразни болести и усвоени од  Владата – максимум три лица во патничко возило односно 50 проценти од капацитетот на автобус/минибус. По завршување на настанот се препорачува организирано напуштање на локацијата и се забранува групирање на повеќе лица во угостителски или во други објекти.

Прославата во Крушево ќе почне утревечер на Гумење, традиционално со отворање на Научно-културните средби „10 дена Крушевска Република” и со подигнување на бајракот на Републиката, а треба да пристигнат и коњаниците.

Крушевскиот градоначалник Томе Христовски, кој е и претседател на манифестацијата, рече дека иако за Илинден годинава ќе нема големи собири и културни настани за да се избегнат групирањата, прославувањето, рече, ќе биде поскромно, но достоинствено.

– Ќе им се оддаде почит и ќе се положат свежи цвеќиња за Илинденците и хероите, на месноста Слива, во Македониумот каде што е гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, на Мечкин Камен каде што ќе биде централната прослава. Заедно со Крушево, годинава домаќин на прославата е републичкото Собрание и се очекува обраќање на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Ќе има гости – владини претставници, од политичките партии, од дипломатскиот кор, но сè ќе биде според протоколите, рече Христовски.

Целата програма на одбележувањето на празникот од Пелинце, Крушево и од Скопје од 10 часот ќе се пренесува во живо на Македонската радио-телевизија.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. 

Треба да знаете
Последни објави