Италијанско-американски производител на автомобили Фиат Крајслер во второто тримесечје пријави загуби од 1,04 милијарди евра, како резултат на колапсот на глобалната економија предизвикан од епидемијата на Ковид-19.
Сепак, резултатот е подобар од очекуваниот, откако аналитичарите прогнозираа загуби од две милијарди евра.
– Второто тримесечје покажа дека одлучните акции и и извонредните придонеси на нашата работна сила и овозможија на компанијата да управува со влијанието од кризата со Ковид-19, рече извршниот директор Мајк Манли.
– Нашите фабрики работат, производите се продаваат во изложбени салони и преку Интернет. Имаме флексибилност и финансиска сила да продолжиме со нашите планови, рече тој.
Фиат Крајслер треба да се спои со францускиот ПСА, а компанијата во петокот соопшти дека „кризата со Ковид-19 дополнително ја потенцира неопходната логика” на спојувањето.
– Работата на двата тима за комплетирање на спојувањето продолжува и очекуваме да се постигне спојување во една компанија до крајот на првиот квартал на 2021 година, соопшти Фиат Крајслер.