Почитувани граѓани, припадници на исламската вероисповед,
Имам чест во мое лично име и од име на Собранието на Република Македонија, да Ви го честитам големиот муслимански празник, Курбан Бајрам, со желба празников да ве најде во добро здравје и во душевен мир. Ова е празник кој во себе ја носи пораката на солидарноста, блискоста и сочувството кон сите луѓе, блиски или далечни, соседи или роднини, познати или случајни познанства. Празник во кој што се споделува и убавиот збор и мисла, и благодатите на трпезата, и почитта и опростувањето. Навикнати сме празникот да го поминеме опкружени со весел џагор и топли прегратки, искрени насмевки. За жал, речиси од почетокот на оваа година сме принудени да ги менуваме нашите секојдневни навики на функционирање и секако, празнување. Пандемијата од Ковид-19 е тука и се чини ќе трае. Ние, и секако цел свет, се навикнуваме на нови начини на живот и работа. Покрај тоа, доколку до сега не научивме, сега се учиме на колективна свест и совест, за тоа колку е важно секој поединец да води сметка за своите постапки, за истите не рефлектираат негативно на нашите блиски семејства и на сите други. Да ги почитуваме препораките на здравствените институции, за да си помогнеме себеси и на нашиот здравствен систем.
Почитувани, Курбан Бајрам е празник на благодарноста и јас сакам да изразам благодарност кон сите здравствени работници меѓутоа и кон сите други кои секојдневно се вложуваат максимално да овозможат нормално функционирање во ова време на нова нормалност.
Драги граѓани,
Ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, на сите оние кои ги допре КОВИД-19 им посакувам брзо оздравување и што побрзо враќање во своите домови, за сите да го поминеме празникот опкружени со нашите блиски и сакани.