Од денеска стапи во сила новата одлука на грчката Влада за продолжување на прекинот на поврзувањата со Северна Македонија, што важи до 15 август 2020 година, а Агенцијата за цивилно воздухопловство издаде упатства за прекинот на воздушниот сообраќај, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако вчера попладне заменик- министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти дека се продолжува до 15 август 2020 година прекинот на авионските и морските поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и Турција и мерките што се однесуваат на копнените граници, во Службен весник, веќе е објавена новата министерска одлука.
Одлуката потпишана од министрите за здравство, за транспорт и инфраструктура и за поморство, е „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија за временскиот период од 1 август 2020 година до 15 август 2020 година” и предвидува „привремено ограничување на авионското поврзување со Северна Македонија со сите аеродроми во земјата”.
Во однос на копнените граници, вклучително и железничкиот сообраќај, со Северна Македонија, Албанија и Турција, продолжена е претходната одлука, односно мерката за „привремено ограничување на сите копнени поврзувања од и кон Грција”, како и за забрана за влез на грчка територија преку конкретните гранични премини.
Забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој или живеат во Грција, како и за транспорт на стоки, за влез на лица за апсолутно неопходни професионални причини, но и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Паралелно, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција објави нови упатства (notams) за продолжување на прекинот на авионските поврзувања како и за забраната за влез во Грција на државјани од трети земји со цел заштита од Ковид-19.
-До сабота 15 август 2020 година во 23.59 часот се продолжува авио упатството (notam) што предвидува прекинување на летовите меѓу Грција, Турција, Албанија и Северна Македонија, соопштуваат од Агенцијата.
Дополнително пренесуваат дека до 14 август на полноќ е продолжена одлуката за забрана за влез на државјани на трети земји, мерка која, која што вчера објави МИА, предвидува „привремена забрана за влез во земјата на сите државјани на трети земји од било која влезна точка во земјата и на било кој начин или било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и копнените поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија”.
Забраната не важи за земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и за државјаните на Австралија, Грузија, Канада, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Обединетите Арапски Емирати.
Исто така, како што вчера објави МИА, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
Продолжена до 15 август е и одлуката за задолжителен негативен тест, направен до 72 часа пред патувањето за оние кои авионски, во Грција пристигнуваат од Бугарија, Романија и Обединетите Арапски Емирати.
Потврдата, од овластен дијагностички центар, треба да биде на англиски јазик и да се наведени име и презиме и број на пасош.
Авиокомпаниите треба пред летот да проверат дали патниците имаат потврда за негативен тест, бидејќи во спротивно, не смее да му дозволи на патникот да влезе во авион.
Оваа одлука не важи за грчките граѓани, за оние кои имаат дозвола за престој и за оние кои патуваат од есенцијални причини.
За сите оние кои влегуваат во Грција, задолжително е да го пополнат формуларот Passenger Locator Form (PLF) 24 часа пред нивното пристигнување.