Мештаните од Урвич остварија средба со градоначалникот на општина Боговиње на која се согласија Синичане да користи вода од извор во нивниот атар. Воедно на состанокот, што е резултат на средбата на сите страни вчера во Владата, е договорено во иднина да се работи на одредени инфраструктурни проблеми во Урвич.
– На состанок дојдовме до некое разбирање, а и преговорите ќе течат понатаму. Важно успешно се разбравме со Синичане, а тоа е дека тие што намислиле да ја земат водата таму во одредено место не е спорно од страна на село Урвич. Ќе може да продолжат и не е спорно, ние сме свесни како населено место Урвич дека секој треба да пие вода, рече по состанокот Хајредин Гафури од Урвич.
Градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили истакна дека по тричасовната средба во Владата како и денешната може да се излезе во престрет на барања за подобра инфраструктура во Урвич.
– Јас мислам дека овие нивни барања може да се реализираат, треба да им се помогне, бараат целосна промена на стариот водовод, За ова треба да бараме средства од Владата, имаат и други четири барања, кои не можат во моментов да се реализираат за да нема недоразбирања. Се работи за големи проекти кои не може да се реализираат без помош од Владата. Во среда средбите во Владата ќе продолжат ќе разговараме, за детали. Јас како градоначалник сметам дека може да се реализираат, само треба добра воља од страна на Владата да помогне со финансиски средства, рече Џемаили.
Што се однесува до изведувањето на градежните работи од изворот Буновец тие нема да продолжат се додека нема гаранција од страна на Владата.
– Жителите ќе седат таму, додека не се оддалечи полицијата, еве денес имавме позитивни разговори, полицијата треба да се оддалечи доколку нема конфликти. И жителите од Синичане имаат свои барања, треба да се стават на маса и тие барања и да видиме што ќе се одлучи. Јас како градоначалник барам да нема лоши интерпретации, јас барав да излеземе на терен, со месните заедници Урвич и Синичане ќе одам на лице место ќе ги видиме изворите од каде треба да се земе вода, жителите на Урвич не се против да се земе вода од нивните извори, за водовод за жителите на Синичане, рече градоначалникот Џемаили.
Општината, претставници на селата Урвич и Синичане како дел од договорот во Владата попладнево треба да одат на местата каде се изворите и да договорат и дефинираат нивно користење.
Барањата на Урвич се да добијат нов водовод до селото поради губење на водата, да добијат дел од системот за наводнување „Шарски води”, да се дефинира користењето на изворите и други инфраструктурни проекти. За мештаните во Синичане треба да се обезбеди нов систем за водоснабдување поради небезбедна вода за пиење која сега ја користат. Полицијата со недели го обезбедува местото Буновец со цел да не има конфликти меѓу населението.