Штип и денеска со двоцифрена бројка на заразени. Во здравствениот билтен се регистрирани вкупно 13 нови пациенти, а се оздравени вкупно 11. Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека и денеска се на своите работни места, од утринава имале поголема гужва на пунктот.
– Денеска немаме упати од матични лекари, но зедовме 130 контролни брисеви од работници и нивните семејства, кои точно пред 14 дена преку приватен скрининг на сопственици на неколку конфекции беа откриени дека се шпозитивни на вирусот, вели Димитрова.
Таа додава дека денеска имале и мобилен тим, кој земал контролни брисеви и на лице место од вработени и станари на Домот за стари лица во Радовиш, како и на пациенти во Пробиштип.
Епидемиолошките анкети покажаа дека причина за ширење на вирусот во конфекциите или пoзнатиот штипски текстилен кластер е поради непочитување на мерките. Димитрова посочи дека добар пример во штипскиот реален сектор е компанијата Адиент во ТИР зоната, каде што од почетокот на пандемијата се преземени мерки и строго се почитуваат од страна на работниците и на раководството, а во оваа компанија имаат и Ковид координатор кој ги предупредува работниците да ги носат маските правилно, да држат растојание, како и да не се групираат.
– Само со мерки може да се победи заразата, други решение нема, вели Димитрова.
Здравствените работници се разочарани од непочитувањето на мерките, па на социјалните мрежи излегоа и со свои статуси, во кои пишуваат дека за нив нема одмор, ниту викенд, постојано се на работа, 24 часа прават анкети, советуваат, а единствено што граѓаните можат да го направат, какошто велат е да ги почитуваат трите основни мерки, тоа е носење на маски, држење на растојание од два метра и често миење на рацете.