Конститутивна седница на Собранието утре, партиски разговори за формирање влада

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи утре напладне под посебни протоколи поради коронавирусот во салата под Големата купола наместо во салата „Македонија”. Седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми, што се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, за да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

Осврнувајќи се на завршените избори, претседателот Стево Пендаровски во обраќањето од Пелинце порача дека очекува побрзо конституирање на новото Собрание и Влада, која, како што рече, ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите 100 дена. Актуелните трендови со вирусот нагласи нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми, додаде, секогаш носат нестабилност и граѓанско незадовлство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ, посочи, ќе мора да почнеме со практична имплемнтација на идните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криинал и високата корупција.

-Конечно, новата Влада ќе има една друга комплексна задача, особено после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека веднаш по неговиот избор кажал дека една од неговите главни определби е помирувањето, за кое денес, рече убеден е дека ни е потребно повеќе од кога било во историјата, како независна држава.

-Се надевам и очекувам таа моја заложба да биде поддржана и од новата Влада и од опозицијата и дека заедно со сите граѓани независно од нивното етничко потекло и партиско убедување ќе работиме за остварување за оваа цел. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи оставрувањето на правата и слободите на секој граѓанин дури, тогаш ќе имаме вистински демократска држава, посочи претседателот.

Во очекување на одржувањето на конститутивната седница и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски вчера од Крушево апелираше до сите политички чинители, без оглед дали се власт или опозиција, сите кои добиле одговорност од граѓаните да ја водат државата да ја оправдаат нивната доверба и да ги исполнат ветувањата и заложбите дадени пред нив.

Партиите кои по изборите неофицијално ги почнаа разговорите се очекува да ги интензивираат напорите околу обезбедување мнозинство во новиот парламентарен состав и формирање влада.

Од владеачата партија која ја предводи коалиција „Можеме” со најмногу освоени мандати на изборите одржани на 15 јули, повторија дека разговорите за формирање парламентарно мнозинство и влада официјално ќе ги стартуваат по илинденските празници. Премиерот и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски очекува наскоро да биде формирана новата Влада од страна на СДСМ. Ги оценува како небулозни обвинувањата од страна на опозицијата за купување пратеници.

– Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагаме, тоа ќе биде основа на која ќе побараме поддршка од пратениците во македонското собрание. Очекувам тоа да се случи многу скоро по формирањето на македонското Собрание, рече минатата недела Спасовски за „Утрински брифинг”.

Ја прокоментира и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е можно да се случат нови избори наесен.

– Мицкоски секој ден ги менува ставовите. Нели до пред некој ден велеше дека тој ќе формира влада, дека составува парламентарно мнозинство. Сега вели нови избори. Тоа е сепак негова работа. Изборите поминаа. На нив има јасен победник. Тоа е СДСМ. Ние ќе ја формираме новата влада, истакна вчера Спасовски.

Мицкоски вчера во обраќањето по повод двата Илиндена од Ташмаруништа, Струшко, повтори дека „ќе учествуваат во натпреварот за формирање влада.
– Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други. Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први., а нашата победа е заедничка, рече Мицкоски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извини на народот за сите грешки и неправди кои некои лица  од партијата ги имаат направено бидејќи, како што рече, тие во ВМРО гледаат личен интерес, а тој гледа кауза.

Мицкоски минатата недела изјави и дека не би го изненадило и доколку наесен се случат нови предвремени парламентарни избори ако не успеат ниту тие, ниту СДСМ, ниту друга партија да формира Влада.

На предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 15 јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Конечните официјални резулати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.

Треба да знаете
Последни објави