Љупчо Ангеловски е млад семеен земјоделец во селото Егри, Општина Битола. Доаѓа од семејство со долга традиција во земјоделско производство. Oткако ја преземал водечката улога во семејното земјоделско стопанство, тој ја сфатил важноста на модернизирање на производството и воведување поодржливи и попродуктивни земјоделски практики кои ќе креираат подобри можности за создавање приходи за неговото семејство. Сепак, како и за поголемиот дел на мали земјоделски стопанства и семејни фарми во Северна Македонија, развојот и продуктивноста на неговото стопанство е под потенцијалот заради прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште.
Со просечна големина под два хектара, честопати расцепкани на пет или повеќе земјишни парцели со неправилна форма, што го отежнува земјоделско производство и со застарена земјоделска инфраструктура – земјоделските стопанства во државата имаат мала продуктивност и конкурентност во однос на повеќето земји членки на Европската унија. Ова го ограничува нивниот потенцијал да го зголемат земјоделското производство и да се ориентираат кон комерцијални земјоделски активности.
Финансиран од Европската унија со придонес на ФАО, проектот МАИНЛАНД има за цел да им помогне на сопствениците на земјоделско земјиште и руралните заедници во Северна Македонија да го решат проблемот со расцепканоста на земјиштето, за да се окрупнат земјоделските стопанства, да се оптимизира земјоделското производство и да се воспостави потребната земјоделска инфраструктура, вклучително пристапни патишта, системи за наводнување и одводнување. Проектот е дел од Регионалната иницијатива на ФАО за јакнење на малите земјоделски стопанства и семејните фарми. Проектот нуди придобивки за околу 6.500 сопственици на земјоделско земјиште во петнаесет консолидациони области во Северна Македонија со вкупна површина од околу 4.500 хектари.
-Натпреварувањето на пазарот на ЕУ и во глобалната економија едноставно не е можно со ситни парцели, просторно оддалечени една од друга. Нема економија од обем, време и гориво се трошат во патување од нива до нива за орање, ѓубрење, берба. Ваквите парцели можат да бидат корисни само за егзистенцијално земјоделство, вели Љупчо.
Тој е силен застапник за консолидација на земјиште и еден од 214-те сопственици на земјиште кои учествуваат во проектот МАИНЛАНД во Егри. Среќен е што неговото село Егри е првиот проект за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите, откако Планот за распределба на земјиштето во Егри беше усвоен со мнозинство гласови на сопствениците на земјиштето во јануари 2020 година.
Планот за распределба на земјиштето во Егри кој зафаќа 336 хектари земјоделско земјиште, резултираше со скоро четирикратно намалување на бројот на земјишни парцели (од 874 на 260), со просечна големина на парцела од 1,30 хектари, во споредба со 0,38 хектари пред консолидацијата. Парцелите сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. Планот, исто така, вклучува и обнова на заедницата како што се инвестиции во пристапни патишта до нивите и во системи за одводнување и наводнување, финансирани од Европската унија.
Љупчо и неговата сопруга Кети, која има еднаков удел во семејното земјоделско стопанство и бизнис, очекуваат да видат придобивки од консолидацијата на земјиштето во годините што следат. Целото нивно земјиште од 15 мали парцели, расцепкани на различни локации, сега е окрупнето во три, правилно обликувани, парцели со просечна големина од два хектара (споредено со само 0,4 хектари пред консолидацијата) и со подобар пристап до земјоделската инфраструктура. Пченицата и пченката учествуваат со околу 50 отсто во нивното земјоделско производство. Тие, исто така произведуваат пиперки, бостан и тутун. Деведесет проценти од бостанот што ги произведуваат го извезуваат преку трговски посредници во Полска, Чешка, Босна и Херцеговина, Бугарија и Хрватска. Љупчо верува дека подобрената земјишна структура ќе ја зголеми ефикасноста на користење на земјиштето и ќе ги подобри приносите за 30 до 40 проценти.
Подобрениот пристап до мрежата за наводнување во консолидационата област во Егри отвора можност Љупчо и неговата сопруга да го прошират својот систем за наводнување капка-по-капка, кој во моментов опфаќа помалку од два хектара од нивните ниви со пиперки. Проширувањето на системот капка-по-капка ќе им помогне да го модернизираат производството, да заштедат вода и да ги подобрат приносите во комбинација со добри земјоделски практики.
-Пристапот до вода за наводнување ќе нè направи помалку ранливи на климатските промени, но исто така ќе ни овозможи да го прошириме изборот на земјоделски култури и да ја зголемиме вредноста на нашите производи за пазарот, вели Кети.
Таа и Љупчо се подготвени да научат како да одгледуваат нови култури погодни за локалните климатски и почвени услови или да користат нови технологии во кои инвестирале. Заинтересирани се да истражат можности за одгледување медицински билки и зачини, вклучително органско нане и шафран. Тие имаат присуствувано на неколку работилници за органско производство и ќе продолжат да бараат стручни совети за да истражат нови можности за диверзификација на производството и зголемување на нивниот приход.
Подобрувањето на структурата на земјоделското земјиште и зголемувањето на пристапот на земјоделците до инфраструктура, технологии и пазари е клучно за иднината на системите за храна и може да ги привлече младите во овој сектор. Ова позитивно влијае на мобилноста од руралните во урбаните средини, поттикнува еднаков и одржлив економски раст. Позитивното искуство на семејниот земјоделец од Егри треба да ги инспирира другите рурални заедници во Северна Македонија активно да учествуваат во консолидацијата на земјиште каде сите учесници имаат придобивки.
Неколку консолидациони области, меѓу кои Соколарци, Спанчево (Општина Чешиново-Облешево), Логоварди, Оптичари, Трн (Општина Битола) во моментов се во втората фаза од процесот на консолидација на земјоделско земјиште – планирање за распределба на земјиштето и технички дизајн на земјоделска инфраструктура. ФАО има задоволство да соработува со Европската унија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на спроведување на Националната програма за консолидација на земјиштето во Северна Македонија и нејзино проширување ширум државата.