Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека претседателот Александар Вучиќ сериозно размислува да влезе во коалиција со лидерот на Српскиот патриотски сојуз (СПАС), Александар Шапиќ и наведе дека таа е еден од двајцата кандидати за премиер на новата влада.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ гостувајќи на ТВ Пинк, кажа дека Вучиќ бил многу разочаран од некои нему блиски лица и дека тешко ја поднел поддршката што ја има дадено коалицискиот партнер- Социјалистичката партија на Србија (СПС) на протестите на опозицијата во Белград.
-Александар Шапиќ покажа дека сака и знае како да се бори и тој покажа дека во моментите кога нашите коалициони партнери, пред сè мислам на СПС, не се бореа така, како и некои од СНС, изјави таа.
Брнабиќ не сакаше да открие кој е другиот кандидат за премиер.
-Вториот кандидат е од нашата партија (СНС), зад кого би застанала во секој момент, рече Брнабиќ.Т
Како што кажа, Вучиќ побарал од раководството на СНС да одлучи за четири опции во врска со идното партнерство. Првата е СНС да биде во коалиција со СПС, втората да биде во коалиција со СПАС на Шапиќ, третата да влезе во партнерство и со СПС и со СПАС, а последната опција е- СНС да владее сама со поддршка на малцинските партии.
-Гласав СНС сама да формира влада со малцинствата. Навистина мислам дека тоа ќе биде најдобрата можна опција за Србија, изјави Ана Брнабиќ.
Вчера во Белград се конституира новиот српски парламент кој брои 250 пратеници. Според резултатите од изборите, кои беа бојкотирани од поголемиот дел на опозицијата собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС), листата „Александар Вучиќ – за нашите деца” на СНС има 188 пратеници, листата на СПС има 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ има 11 пратеници.
Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија.
Девет пратеници доби Сојузот на Унгарците во Војводина, четири мандати има листата на Муамер Зукорлиќ, листата на Албанската демократска алтернатива има три пратеници, како и СДА на Санџак на Сулејман Угљанин.
Од конституирањето на новото свикување на Собранието започна рокот од 90 дена за формирање на новата српска Влада, која според српскиот претседател Александар Вучиќ, треба да биде формирана до крајот на овој месец.