Конститутивната седница на новиот парламентарен состав , која треба да започне напладне, се одржува под зајакнати мерки за заштита од коронавирус. Пратениците веќе почнаа да пристигнуваат во Собранието, каде задолжително е носење на маски и употреба на средства за дезинфекција, а на влезот им се мери температура пред да им биде дозволен влез во зградата на парламентот.
Поради неопходноста од одржување растојание меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата позната како Големата купола. Гласањето ќе се одвива рачно, со картончиња.
Досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој беше хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, вчера излезе од болница и рече дека ќе претседава со седницата.