Шпанскиот премиер Педро Санчез не знае каде побегна поранешниот крал на земјата Хуан Карлос, еден ден откако ја напушти државата среде истрага која се води прптив него за корупција. Хуан Карлос најави дека ја напушта земјата поради тековниот скандал за наводното затајување данок. Овој потег се случи откако шпанските медиуми објавија дека тој од Саудиска Арабија добил 64,8 милиони евра во 2008 година преку оф-шор сметка. Даночните власти во Швајцарија му дадоа информации на шпанскиот судски систем за финансиските постапки на поранешниот крал, што доведе до прашања во врска со неговите активности по јуни 2014 година, кога тој абдицираше и го изгуби имунитетот.
Хуан Карлос одлучил да ја напушти земјата за да му овозможи на својот син Фелипе спокојно да владее, се наведува во соопштението на кралската палата, без информации каде отишол.
„Ла Вангардија“ наведува дека 80-годишниот Хуан Карлос отишол во Португалија со автомобил во понеделникот утрото, од каде што се упатил кон Доминиканската Република, каде што планира да остане неколку недели со семејството по што ќе замине на друга дестинација.
Првите реакции покажуваат дека шпанската јавност е поделена за неговото заминување, кој е важна личност во транзицијата кон демократија по смртта на диктаторот Франциско Франко.
Португалската телевизија „ТВИ 24“ објави дека Хуан Карлос се наоѓа на Кавкас, летувалиште во близина на Лисабон, каде што поминал дел од своето детство.