Ќе ги преземеме сите законски мерки за дезинформациите или теориите на заговор што почнаа да кружат на интернет, со цел да не бидат закана за јавното здравје, вели министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис под чија наредба до Јавното обвинителство е доставен материјал за кој треба да се оцени дали постои кривично дело, јави дописничката на МИА од Атина.
Надлежниот министер наложил до Дирекцијата за борба со компјутерски криминал да достави до Обвинителството објави на интернет за непочитување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
– Ќе ги преземеме сите законски мерки за дезинформациите или теориите на заговор што почнаа да кружат на интернет, да не бидат закана за јавното здравје. Коронавирусот не е погоден за повици за непослушност или сценарија за заговор. Во секоја наша активност, во секоја наша постапка, треба да преовладува одговорноста и свеста за последиците врз нашите сограѓани. Државата нема да дозволи создавање извори на опасност за јавно здравје од социјално неодговорни однесувања, вели министерот за цивилна заштита на Грција.