Во знак на благодарност за нивниот ангажман, Исламската верска заедница донираше пакети со месо од курбаните во Гостивар на медицинските сестри Албанки. Пакетите со месо ИВЗ им ги предаде вчера на Здружението на албански медицински сестри.
Мазлим Зендели, претставник на гостиварската муфтинија, на предавањето истакна дека ова е гест на благодарност за нивното залагање и придонес во текот на пандемијата и посака општеството да се врати во нормала што е можно поскоро.
Пакетите со месо кое го даруваа верниците ги прими Сехабе Османи, благајничка на гостиварската подружница на Здружението на медицински сестри, која во оваа пригода искажа благодарност до ријасетот на ИВЗ и поглаварот за ваквиот гест. За нив тоа е доказ за внимание и поддршка во услови кога се ангажирани повеќе од вообичаено.
По организирањето колење добиток за Курбан бајрам во гостиварската кланица, ИВЗ дистрибуираше над 130 пакети низ целата земја, од кои 40 во Гостивар.