Еден од најдобрите играчи на Борусија Дортмунд, Џејден Санчо, најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Манчестер јунајтед. Според „Билд” и бројни островски медиуми, двата клуба практично постигнале договор за трансфер на фудбалерот, а се бара само начинот на кој ќе се изврши плаќањето на целиот трансфер.
Санчо (20) наводно веќе се договорил сè со Јунајтед, тој е задоволен од условите што му се понудени, а тоа е петгодишен договор со неделна плата од 375.000 евра.
Италијанскиот новинар Фабрицио Романо, еден од најсигурните извори кога станува збор за трансферите, рече дека „двете страни се заклучени во преговори” и дека останува практично да се договорат само за конечната цена на обештетувањето и за динамиката на плаќање.
Се споменува сума од околу 120 милиони евра, при што Јунајтед планира веднаш да го даде најголемиот дел од надоместокот, а остатокот на уште две рати, а Германците се чини дека немаат ништо против во оваа криза со пандемијата на коронавирус.
Без оглед на вестите што пристигнуваат, менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, не сакаше да открие ништо повеќе.
– Трансфер периодот е долг. За секој трансфер е потребно време. Така да, кога ќе има новости, ќе ве информираме, рече Норвежанецот.
Навивачите на островскиот клуб се убедени дека раководството на клубот има намера да го објави трансферот на 7 август, бидејќи според договорот, Санчо ќе ја носи и легендарната „седмица” на дресот, па тоа би бил мал маркетиншки трик.
Оваа сезона тој постигна 20 голови на 44 натпревари во сите натпреварувања.
Во секој случај, екипата на Солскјер го игра возвратниот натпревар од осминафиналето на Лига Европа со ЛАСК во среда, 5 август, на „Олд Трафорд”.
Англичаните го добија првиот натпревар во Австрија со 5:0, а овој дуел е практично само формалност, затоа треба да очекуваме многу играчи на теренот кои не добиваа многу минути минатата сезона.